МАСКИТЕ СЕ ПАДНАТИ, НОСЕТЕ МАСКИ

Од почетокот на пандемијата беше јасно дека сите недостатоци (ова е еуфемизам) на нашето општество и држава во обид, ќе испливаат на површина. Можеше и да се предвиди дека ќе добијат монструозни размери, токму поради природата на оваа вонредна состојба. Ако сакаш да уништиш држава, уништи ги образованието, здравството и правниот систем- трите најбитни стожери. На таа основа се’ понатаму е колатерална штета. Корумпираност, партизираност, поделеност, неписменост, па и социјална сегрегација, нефункционалност на органите на полицијата, војската и судството- нашата секојдневност, во која се трудиме да пливаме и да не се удавиме, зеде замав како цунами.

Уште на почетокот потфрлија токму здравствените работници (случајот Цаца), а и здравството во колапс си го покажа вистинското лице- немаме капацитет, немаме основни услови, дефицитарни се материјали како заштитни маски, ракавици, а за сагата со респираторните машини нема ни да почнувам. Физичката слика на клиничкиот центар прецизно ја отсликува внатрешната состојба. Да не се разбереме погрешно- секоја чест и сета почит за одговорните и добри доктори кои работат во мизерни услови, а и за волонтерите кои сесрдно се вклучија и помагаа(т).

Корупцијата и партизираноста во образованието метастазирала, како во здравството, така и во останатите сегменти на битисување, особено важни за ваква состојба на пандемија. Многу брзо ја дигна својат грда глава проблемот на купени дипломи, кланови, непотистички вработувања, функционалната неписменост во 21виот век, што е дури и пострашна од пандемија.

И додека се учиме да миеме раце, оти за повеќето ваквата лична хигиена е научна фантастика и непознатица, а СЗО не може да се реши дали е добро или лошо да се носат маски (ако, разнишајте ни ја и таа малку доверба што ја имаме во институциите), најголемите политички и верски субјекти како хиени се нафрлија на оваа поранешна држава во обид.

Наместо да се постави експертска влада, тие, преку здравјето и животот на овие кутри и измачени луѓе (кои не избегале до сега), себично и безмилосно се борат за ситни дневно-политички поени. Со научени наизуст текстови пишани од друг, кои ниту ги разбираат, ниту ги чувстуваат, па и ниту знаат да ги одглумат, секојдневно ни излегуваат од тв-приемниците и ни го загорчуваат ионака одмилениот живот. А не ги интересираме ние, ниту државата. Да не се лажеме. Ова е крвничка борба за власт преку трупови на луѓе и мршата на татковината, кои тие заедно ја довеле тука.

Конечно, ковид-19 стана катализатор на децениските процеси во Македонија и, иако на лицето носиме маски, маските паднаа. Се видовме кои сме и јасно е зошто сме тука каде сме.

На здравје.


Дарија Андовска

авторот е вонреден професор на УКИМ

Дарија Андовска (1979, Скопје) дипломирала композиција на Факултетот за музичкa уметност во Скопје во класата на Гоце Коларовски, магистрирала на ZHdK во Цирих, Швајцарија, во класата на Изабел Мундри (современа музика), Доменико Ферари и Андре Белмо (филмска и театарска музика, продукција), а била и на докторски студии во класата на Каја Черновин, Харвард Институт, САД.

Автор на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти.

Добитник е на стипендии и учесник на мастеркласеви и работилници во Скопје, Санкт Петербург, Белград, Дрезден, Охрид, Берлин, Цирих, Солотурн, Штутгарт, Сараево, Фрајбург, Герлиц, Утрехт, Хилверсум.

Нејзините дела се изведувани на реномирани фестивали и бројни концерти во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Белгија, Кина,  Хрватска, Словенија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Албанија, Русија, Мексико, Малта, Канада, Полска, Романија, Ерменија, Турција, САД,

објавени на CD-а во Швајцарија, Босна и Херцеговина, Италија, Македонија, Србија и Црна Гора, Германија, а издадени во печатена форма од Nuova Stradivarius– Италија, Sordino– Швајцарија, Сојуз на композиторите на Македонија– Македонија.

Лауреат на меѓународни и домашни конкурси за композиција, филм и театар, вклучувајќи ги наградите од конкурсите на pre-art, Швајцарија, Музичка младина на Македонија и Град Цирих, Швајцарија. Нејзините филмови биле номинирани и наградени на фестивали како Сараевски филмски фестивал, Берлински филмски фестивал, Бриџ филмски фестивал, театарските претстави номинирани на МЕСС Фестивал- Сараево, Босна и Херцеговина, Војдан Чернодрински- Прилеп, Македонија, Јоаким Вујиќ- Србија и други.

Избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот MusMA- Music Masters on Air 2013/14.

Добитник на наградата “Виртуоз“ 2013 за најдобар композитор во Македонија.

Номинирана за наградата “Виртуоз“ 2014 за најдобар композитор во Македонија.

Добитник на наградата “Истакнат уметник на Град Цирих- Композитор“ за 2014/2015.

Добитник на наградата “Виртуоз“ 2015 за најдобар композитор во Македонија.

Претставник на Македонија за CEEC 16+1, Кина и земјите од централна и источна Европа за 2016-2017 и 2018-2021.

Добитник на наградата „Панче Пешев“ 2018 која Сојузот на композитори на Македонија ја доделува за највисоко достигнување од областа на музичкото творештво.

Уметнички раководител на фестивалот Денови на македонската музика за 2013-2015 и 2019-2021

 

 

Leave a Reply

Top